Пошумуваме заедно 2022/2025
Пошумуваме заедно 2025
На 30 ноември 2025, компанијата dm дрогерие маркт успешно го реализираше продолжението на еко-проектот „Пошумуваме заедно за позелено утре“, најмасовната акција за пошумување досега. Заедно со партнерите Македонско Еколошко Друштво (МЕД) и ЈП Национални шуми, речиси 400 вработени во dm, волонтери и претставници на институционалните партнери беа дел од најголемото масовно пошумување во с. Калапетровци во околината на Штип.
Овој традиционален еколошки проект, кој dm го започна во 2022 година, до денес вроди дури 150 000 засадени дрвја на повеќе локации низ нашата земја – во Велес, во близина на езерото Младост, во околината на скопско Миладиновци и во близина на опсерваторијата Кокино. Оваа година во с. Калапетровци во околината на Штип, целта беше доста амбициозна и беа засадени дури 50 000 нови стебла. Со оваа акција, dm заедно со еколошките партнери МЕД и ЈП Национални шуми направи уште еден голем чекор кон позелено утре за сите нас. Компанијата dm обезбеди и организиран превоз, опрема за садење, и освежителна закуска за сите учесници.
Пошумуваме заедно 2024
Со масовно пошумување на 35.000 садници dm дрогерие маркт реализираше уште едно масовно пошумување во околината на Велес, во близина на езерото Младост, на површина која неодамна беше зафатена од пожар, со што достигна завиден број на 100.000 засадени дрвја во три години од стартот на еко-проектот „Пошумуваме заедно за позелено утре“.
Во акцијата за пошумување, која се одвиваше викендов, учество зедоа речиси 250 вработени од dm, волонтери, како и стручни лица од ЈП Национални шуми, кои несебично го дадоа својот придонес кон обновување и зачувување на зелените површини на нашата земја.
За овогодишната реализација на проектот компанијата инвестираше повеќе од 1.300.000 денари во форма на донации за набавка на садници и техничка опрема, а самиот проект се реализираше во неколку етапи.
На 9 ноември, dm, преку акција во која беа засадени повеќе од 300 нови садници во „Рајски парк“ во Скопје – о. Аеродром ја отвори овогодинешната сезона, а само неколку денови подоцна, во склоп на овој проект беа засадени повеќе од 400 нови садници во дворовите на ОУ „Славејко Арсов“ и детската градинка „Сончогледи“ во Штип, создавајќи еко-пријатна атмосфера во дворовите за децата и учениците.
Пошумуваме заедно 2023
Со масовно пошумување на 30.000 садници на неодамна опожарениот предел во близина на опсерваторијата Кокино, компанијата dm дрогерие маркт успешно ја круниса втората година од еко-проектот „Пошумуваме заедно за позелено утре“. Во акцијата за пошумување која се одвиваше на 3 декември 2023 година учество зедоа речиси 200 вработени од dm, волонтери, како и стручни лица од ЈП Национални шуми, кои несебично го дадоа својот придонес кон обновување и зачувување на зелените површини на нашата земја.
Во овогодинешната реализација на еко-проектот компанијата инвестираше повеќе од 1.300.000 денари, а самиот проект опфати 3 етапи. На 27 октомври оваа година со засадување на повеќе од 200 дрва училишниот двор, основното училиште Никола Вапцаров во Струмица доби целосно хортикултурно уредување. На 12 ноември оваа година во рамки на овој проект беа засадени повеќе од 400 стебла долж трим патеките во паркот Гази Баба во Скопје, локација која е чест избор за викенд прошетки со нашите најблиски. Исто така во рамки на проектот набавени се 1.000 контејнери за одгледување на садници, набавени за потребите на ЈП Национални шуми со што dm даде поддршка кон подобрување на работењето на оваа институција.
Пошумуваме заедно 2022
На 27 ноември 2022 година, во близина на автопатот Миладиновци-Штип, повеќе од 300 вработени во dm, волонтери и претставници на институционалните партнери засадија 27.000 садници, како дел од кампањата „Пошумуваме заедно за позелено утре“.
Во периодот од средината на месец август, кога беше најавен почетокот на оваа кампања, до крајот на месец септември, dm издвојуваше по 1 денар од секој купен производ од сопствените трговски марки, со што купувачите на dm станаа важни партнери во овој проект. На почетокот на месец ноември dm објави повик до сите заинтересирани граѓани да се приклучат и да присуствуваат на денот на садењето.
За успешна реализација на првата акција за пошумување, покрај поддршката на вработените во dm и сите пријавени волонтери, им дадоа и институционалните партнери, кои присуствуваа на денот на садењето, Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, помошник директор на ЈП Национални шуми Маре Басова, како и претставници од јавното претпријатие.