Проектот се базира на концептот за трансформација на отпад во уметност (Upcycling). Текстилниот отпад, обезбеден од локалните фабрики, се користи како примарен материјал за создавање големи колективни уметнички колажи. Секое дело се изработува колективно од страна на младите учесници под стручно менторство и според јасно дефиниран уметнички концепт.
Текстилниот отпад е избран како основен материјал не само поради неговото глобално еколошко влијание, туку и поради специфичниот локален контекст. Североисточниот регион на Република Северна Македонија се карактеризира со силно присуство на текстилната индустрија, што резултира со континуирано генерирање на ваков вид отпад. Со негово вклучување во креативен процес, проектот директно ја поврзува локалната индустриска реалност со уметничка и едукативна трансформација, претворајќи го отпадот во ресурс со нова естетска, образовна и општествена вредност.