Победа надвор од теренот
Регионот каде што ќе се реализира проектот?
Скопски регион.
Целна група: Кому ќе му помогне проектот?
Проектот е наменет за активни и поранешни спортистки на возраст од 16 до 30 години, кои сакаат да ги развијат своите комуникациски, кариерни и вештини за вработливост и полесно да се подготват за животот по спортската кариера.
Кој може да учествува во проектот?
Активни и поранешни спортистки на возраст од 16 до 30 години.
Дали може волонтери да се ангажираат во проектот? Доколку да, како?
Волонтерите ќе можат активно да се вклучат во подготовката и организацијата на работилниците и завршниот настан, логистичката поддршка, регистрацијата и комуникацијата со учесничките, како и во промотивните активности и создавањето содржини за поголема видливост на проектот. Дополнително, волонтери со релевантно искуство ќе можат да придонесат преку споделување практични знаења и поддршка на активните и поранешните спортистки во развојот на нивните комуникациски, професионални и вештини за вработливост.
Кои цели треба да се постигнат со проектот?
Со проектот треба да се постигнат следните цели: 1. Развој на комуникациските вештини Да се подобрат способностите на спортистките за јасно, самоуверено и ефективно изразување во професионална и јавна средина. 2. Подобрување на вештините за јавно говорење и самопрезентација Учесничките да научат како успешно да се претстават себеси, своето искуство и своите постигнувања пред публика, работодавачи, партнери и медиуми. 3. Зголемување на вработливоста Да се развијат практични вештини за подготовка на биографија, мотивациско писмо, интервју за работа, професионално вмрежување и комуникација со работодавачи. 4. Подготовка за животот по спортската кариера Учесничките навремено да започнат со планирање на својот иден професионален пат и полесно да се приспособат на преминот по завршувањето на активното спортување. 5. Препознавање на вештините стекнати преку спортот Да се зголеми свеста дека дисциплината, истрајноста, тимската работа, лидерството, одговорноста и работата под притисок се вредни и применливи вештини и во професионалниот живот. 6. Зајакнување на самодовербата и лидерските способности Да се поттикнат спортистките поактивно да носат одлуки, да преземаат иницијатива и да се вклучуваат во професионални и општествени активности. 7. Поттикнување на волонтерството и пренесувањето знаење Учесничките и волонтерите да ги споделуваат стекнатите знаења и искуства со помлади спортистки и со своите локални спортски заедници. 8. Подигнување на јавната свест Преку дигитални, печатени и промотивни материјали да се зголеми видливоста на предизвиците со кои се соочуваат спортистките при градењето двојна кариера и при преминот кон професионален живот.
Назад кон блог преглед