dm заедништво

Програма за младинско лидерство, волонтерсво и граѓанска одговорност

Регионот каде што ќе се реализира проектот?
Прилеп, Охрид и Куманово


Целна група: Кому ќе му помогне проектот?
Млади лица, средношколци, студенти (16- 25 г)


Кој може да учествува во проектот?
Млади лица, средношколци, студенти, граѓански организации, средни училишта, младински клубови.


Дали може волонтери да се ангажираат во проектот? Доколку да, како?
Волонтерскиот ангажман претставува суштинскиот и највлијателен сегмент на Програмата за младинско лидерство, преку кој младите ги претвораат стекнатите знаења во конкретни активности со општествено влијание. Токму преку волонтерството се поттикнуваат граѓанската одговорност, младинскиот активизам, солидарноста и чувството на лична одговорност за развојот на заедницата. По завршувањето на обуката, младите се распределуваат во партнерски организации кои работат во различни области од јавен интерес, каде во период од 30 до 40 дена активно волонтираат под менторство на искусни професионалци. Во текот на волонтерскиот ангажман тие се вклучуваат во секојдневната работа на организацијата, се запознаваат со нејзината мисија, корисниците и предизвиците со кои тие се соочуваат, стекнувајќи драгоцено практично искуство и работни компетенции. Покрај редовните волонтерски активности, групата учесници имаат задача да идентификуваат реална потреба во заедницата и, со поддршка од својот ментор и обучувачите на програмата, да развијат младинска иницијатива. Во текот на волонтерската практика младите постепено ја разработуваат иницијативата – од анализа на проблемот и дефинирање на целите, преку креирање активности и акциски план, до подготовка за нејзина практична реализација. Целиот процес се темели на методологијата и модулите обработени за време на дводневната обука, особено во делот на развој на одржливи заедници, проектно планирање и активно граѓанство. По завршувањето на фазата на планирање, младите, заедно со обучувачите и менторите, ја реализираат својата иницијатива во заедницата, со финансиска и менторска поддршка од Глобалната Лаборатирија за учење. Особена вредност на програмата е тоа што волонтерите самостојно ја избираат заедницата или целната група кон која ќе биде насочена нивната иницијатива, што дополнително го поттикнува чувството на сопственост, одговорност и лидерство. Досега, младите учесници успешно реализирале 45 младински иницијативи (две се во тек), кои опфатиле широк спектар на општествени теми и потреби. Иницијативите биле насочени кон заштита на животната средина, поддршка на лица со интелектуална попреченост, јакнење на младински и училишни еко-клубови, активности со корисниците на СОС Детско Село, поддршка на деца во социјален ризик, подигнување на свеста за менталното здравје кај младите, работа со корисници во домови за стари лица, помош на организации кои работат со бездомни лица, поттикнување на претприемништвото кај ромските жени, опремување на државен центар за деца со аутизам, како и музички и креативни работилници за млади од маргинализирани заедници. Разновидноста на овие иницијативи ја потврдува способноста на младите да препознаат локални предизвици и да создадат конкретни, одржливи решенија со позитивно влијание. По успешно завршување на програмата, сите волонтери добиваат Сертификат за успешно завршена програма и Потврда за волонтерски ангажман, додека партнерските организации дополнително издаваат потврда за реализираната волонтерска работа. Овие документи претставуваат значајна референца за понатамошниот академски и професионален развој на младите и веќе им помогнале на голем број учесници при аплицирање на странски универзитети, стипендии и работни позиции. Најголемата вредност на програмата, сепак, се приказните за долгорочниот развој на младите. Особено ги издвојуваме Александар Стојоски и Дора Бишковска, учесници од првата генерација во 2023 година. По успешно завршување на програмата, двајцата продолжија со својот волонтерски ангажман во партнерските организации СОС Детско Село и Go Green. Денес, речиси четири години подоцна, Александар е меѓународен младински обучувач, ментор и координатор на обучувачите во рамките на програмата, додека Дора е младински ментор на новите генерации волонтери во една од партнерските организации во Скопје. Нивниот развоен пат претставува најдобар доказ дека волонтерството не е само општествено корисен ангажман, туку и силен двигател на личен, професионален и лидерски развој.


Кои цели треба да се постигнат со проектот?
Да се поттикне развојот на млади лидери и волонтери кои активно придонесуваат кон позитивни општествени промени преку зајакнување на нивните лидерски, комуникациски и организациски вештини, како и преку промовирање на активно граѓанско учество, волонтерство и соработка во заедницата. Специфични цели • Да се развијат лидерските компетенции на младите преку обуки за лидерство, комуникација, тимска работа, критичко размислување и решавање проблеми. • Да се поттикне активното граѓанско учество преку вклучување на младите во волонтерска работа и иницијативи кои одговараат на потребите на специфичната заедница. • Да се зајакнат практичните вештини за управување со проекти преку развој, планирање и реализација на младински иницијативи со мерливо општествено влијание. • Да се создаде мрежа на млади лидери и партнери преку поврзување на ученици, граѓански организации, образовни институции и локални заедници за размена на знаење, искуства и добри практики. • Да се поттикнат вредностите на инклузивност, одговорност и социјална солидарност преку активности кои промовираат еднакви можности, почитување на различностите и активно учество во општеството. • Да се зголеми самодовербата и личната иницијативност кај младите, овозможувајќи им да препознаваат предизвици, да предлагаат решенија и да преземаат лидерски улоги во своите училишта и заедници.

Назад кон блог преглед

Alle Beiträge