Регионот каде што ќе се реализира проектот?
Проектот е наменет за лицата и семејствата на повредените во Кочани и Штип. Местото на одржување на кампот за психолошка поддршка ќе биде дополнително одбран во некој од сместувачките капацитети во Македонија во зависност од расположивите капацитети и финансиската поддршка и во согласност со веќе воспоставените механизми на избор и селекција во која екогаш учествува и претставник на донаторот/спонзорот.
Целна група: Кому ќе му помогне проектот?
- Повредени во дискотеката „Пулс“ - Членови на семејства директно и индиректно погодени од трагедијата во Кочани - Родители и членови на семејства на починати
Кој може да учествува во проектот?
- Повредени во дискотеката „Пулс“ - Членови на семејства директно и индиректно погодени од трагедијата во Кочани
Дали може волонтери да се ангажираат во проектот? Доколку да, како?
Бројот на волонтерите кои би учествувале на проектот ,,Заедно во болката, силни во поддршката!” зависи од бројот и возрасната структура на пријавените посетители на кампот за психолошка поддршка. Блискоста во годините, посебниот вокабулар на младите и специфичниот начин на комуницирање би го искористиле за заеднички дружења од забавен карактер, релаксација, дури и посебни техники за самопомош (млади за млади). Нивната задача би била постојано присуство во дружењето, разговорите, учество на психолошките работилници со што, за учесниците, би се потенцирала важноста на вклученоста во секојдневниот живот и потребата од постепено излегување од свесната или несвесната самоизолација. Од друга страна, и за волонтерите е важен директен контакт со повредените или членови на семејствата, заради градење на свесност за заедништво и емпатија. Ресурсен Центар има постоечка листа на волонтери (студенти и ученици во средното образование), но не се врзуваме со истата.
Кои цели треба да се постигнат со проектот?
По трагедијата што ја погоди општина Кочани, проектот има за цел да обезбеди структурирана поддршка за повредените лица и родителите од засегнатите семејства, со фокус на нивното психосоцијално и физичко заздравување, зајакнување на довербата во институциите и нивно повторно активно инклудирање во заедницата. Очекуваните резултати се формулирани за да овозможат мерлива промена кај сите засегнати страни, со јасен временски распоред и реално достижни чекори. Со наведените активности планирано е дека ќе се постигнат следниве ЦЕЛИ: • Подобрени семејни комуникациски и родителски вештини за справување со траума во семејството; • Подобрена психосоцијална стабилност, емоционална отпорност и физичка реконвалесценција кај повредените лица и родителите од засегнатите семејства; • Изработени и презентирани мотивациски видео-записи од процесот на рехабилитација кои служат како стимул за заздравување и поттик за зголемување на личните капацитети; • Зголемена доверба и подобрена соработка меѓу засегнатите семејства, повредените лица и институциите кои обезбедуваат услуги. Резултат 1: Намалување на тензиите, семејните конфликти и самообвинувањето, со зголемување на целокупната семејна хармонија и поддршка за повредените лица Психолошката траума и долготрајниот стрес по повредата водат до семејни несогласувања, меѓусебно обвинување и нарушена комуникација. Преку професионално модерирани сесии, семејствата, родителите и самите повредени лица ќе стекнат алатки за конструктивна комуникација, емпатично слушање, управување со емоции и разрешување конфликти. Како резултат на тоа, се очекува значително намалување на тензиите во домот, како и постепено обновување на чувството на блискост, меѓусебна поддршка и заедничко носење на предизвиците во процесот на рехабилитација. Работилницата за самопомош ќе обезбеди продолжено дејствување во насока на зацелување и постепено враќање во општеството. Предвидени се два евалуациони прашалника – еден веднаш по завршување на кампот за психолошка поддршка и еден 30 дена по неговото завршување, со цел да се обезбедат релевантни информации за траењето на поддршката и детектирање на вистинскиот начин за долготрајна помош. Резултат 2: Подобрена психосоцијална и емоционална состојба на родителите и повредените лица, поддржана преку мотивациски видео-записи од процесот на рехабилитација Поради силното влијание на шокот, телесните повреди и долготрајниот стрес, многу родители и повредени лица се соочуваат со анксиозност, чувство на беспомошност, хронична тага и нарушено функционирање во секојдневието. Проектот ќе обезбеди безбеден и професионално воден простор каде тие ќе добијат можност да ги обработат своите емоции, да се справат со траумата и да развијат стратегии за психофизичка отпорност. Во рамките на овој резултат, посебен фокус е ставен врз подготовката, снимањето и презентирањето на наменски видео-записи.Видео-записите претставуваат автентични документарни приказни кои го проследуваат патот на повредените лица почнувајќи од нивната првична состојба, периодот на операции и физикална терапија, па сè до постигнатиот напредок и враќањето на нивните функционални капацитети. Видеа имаат за цел да послужат како силен мотив, инспирација и практичен стимул за сите повредени лица и нивните семејства — да продолжат непрекинато да вложуваат во сопственото физичко и психичко заздравување и да ги развиваат своите лични капацитети. Очекувано е дека преку оваа поддршка и визуелна мотивација, учесниците постепено ќе го обноват чувството на контрола, сигурност и емоционална рамнотежа. Ефектите ќе се мерат преку двата евалуациони прашалника (веднаш по кампот и по 30 дена). Резултат 3: Целосна социјална инклузија, поголема социјална прифатеност на повредените лица и активирани родители како дел од заедницата Многу повредени лица и родители од засегнатите семејства се соочуваат со чувство на изолација, стигма или перцепција дека институциите и заедницата не се доволно достапни и поддржувачки. Овие бариери создаваат повлекување и страв од соработка. Проектот има за цел да изгради отворена, транспарентна и поддржувачка средина за целосно прифаќање и рамноправно интегрирање на повредените лица во сите сфери на општествениот живот. Преку воспоставување двонасочна комуникација со здравствените служби, социјалните установи и локалната самоуправа, се создаваат услови за нивно соодветно и достоинствено функционирање. Како резултат, се очекува постепено намалување на изолацијата, подобрување на социјалната кохезија и зголемување на довербата — повредените лица и родителите ќе се чувствуваат поинформирани, послушнати и прифатени од заедницата. Евалуационите листи (прашалници) ќе содржат и конкретни прашања кои се однесуваат на горливите прашања врзани за институциите, довербата во нив и нивото на социјална инклузија во заедницата.