dm заедништво

„Нова приказна за старата облека“

Регионот каде што ќе се реализира проектот?
Проектот првенствено ќе се реализира во Скопје. Главните практични работилници, селекцијата на текстилот и подготовката на материјалите ќе се реализираат во просториите на SIEC и „Прекроено.мк“. Во договор со dm, акции за собирање текстил, промотивни активности или презентации може да се организираат и во избрани dm локации во Скопје или во други градови, во зависност од интересот, расположливите капацитети и договорената логистика.


Целна група: Кому ќе му помогне проектот?
Главна целна група севработените во dm, кои ќе добијат можност активно да се вклучат во еколошки и волонтерски активности и да стекнат практични знаења за селекција, поправка и пренамена на текстил. Во целната група се вклучени и:  граѓани заинтересирани за одржлив начин на живот;  млади и студенти;  семејства;  постојни и нови волонтери;  организации и корисници што ќе добијат донирана облека или производи;  пошироката локална заедница. Проектот ќе им помогне на учесниците да развијат практични вештини и да усвојат поодговорен однос кон облеката и ресурсите. Организациите и корисниците на кои ќе им биде предадена зачуваната облека ќе добијат директна материјална поддршка, додека пошироката заедница ќе има корист од намалувањето на количината текстилен отпад и зголемувањето на еколошката свест.


Кој може да учествува во проектот?
Приоритет за учество во волонтерските и практичните активности ќе имаат вработените во dm. Во зависност од бројот на слободни места и карактерот на активноста, ќе можат да учествуваат и:  волонтери на SIEC;  граѓани од различни возрасни групи;  ученици и студенти;  членови на партнерски организации;  лица заинтересирани за одржлива мода и циркуларна економија;  лица што сакаат да стекнат основни вештини за работа со текстил. За практичните работилници ќе биде потребна претходна регистрација. Учесниците не мора да имаат претходно искуство со шиење или преработка на текстил. Работните задачи ќе бидат приспособени според нивото на знаење и искуство на секој учесник.


Дали може волонтери да се ангажираат во проектот? Доколку да, како?
Да. Волонтерското учество е една од главните компоненти на проектот. Вработените во dm ќе бидат примарната волонтерска група, а во зависност од потребите и расположливите места ќе можат да се вклучат и други заинтересирани волонтери. Волонтерите ќе можат да придонесат преку:  информирање за акциите за собирање облека;  помош при поставување и организација на собирните пунктови;  прием, мерење и евидентирање на собраниот текстил;  селекција на облеката за донација;  селекција на текстилот за поправка и пренамена;  сортирање според вид, материјал, состојба и боја;  подготовка на материјалите за перење и сушење;  подготовка на кроеви и работни материјали;  учество во практичните работилници;  кроење, шиење и доработка на производите;  пеглање, пакување и означување на производите;  подготовка на облеката наменета за донација;  организација на јавните и промотивните настани;  фотографирање и документирање на активностите;  споделување едукативни пораки за одржлива потрошувачка;  презентација на резултатите од проектот. Волонтерите ќе добијат воведни насоки, менторска поддршка и јасно дефинирани задачи. Сите активности што вклучуваат машини за шиење, алати или друга работна опрема ќе се реализираат под надзор на стручно лице.


Кои цели треба да се постигнат со проектот?
Општа цел Да се придонесе кон намалување на текстилниот отпад и развивање одржливи навики преку организирано собирање, донирање и пренамена на користена облека, практична едукација и активно волонтерско учество. Специфични цели 1. Да се воспостави функционален модел за собирање, евидентирање, селекција, донирање и повторна употреба на користен текстил. 2. Да се соберат и евидентираат најмалку 500 килограми облека и текстил во текот на деветте месеци. 3. Употребливата и добро зачувана облека да се издвои и донира за понатамошно носење, наместо да се користи како материјал за преработка. 4. Текстилот што не е погоден за носење, но е соодветен за пренамена, да се искористи за создавање нови практични производи. 5. Да се организираат најмалку 12 практични и едукативни работилници. 6. Во активностите да се вклучат најмалку 90 волонтери и учесници, со посебен фокус на вработените во dm. 7. Да се остварат најмалку 300 часа волонтерски ангажман. 8. Да се изработат најмалку 300 практични производи од повторно употребен текстил. 9. Да се зголемат знаењата и практичните вештини на учесниците за поправка, повторна употреба и пренамена на текстил. 10. Да се подигне јавната свест за текстилниот отпад, одржливата потрошувачка и циркуларната економија. 11. Да се создаде модел на корпоративно и граѓанско волонтирање што ќе може да продолжи да се применува и по завршувањето на проектот.

Назад кон блог преглед

Alle Beiträge