Во производствениот сегмент, проектот предвидува развој на три линии на прототипи: природна козметика базирана на пчелин восок, еколошки пакувања обложени со восок за безглутенски прехранбени производи и свеќи од природен пчелин восок. Овој пристап овозможува диверзификација на употребата на суровината и демонстрира практична примена на циркуларната економија во различни сектори – козметика, пакување и прехранбена индустрија. Развојот на еколошки пакувања има особено значење, бидејќи претставува одржлива алтернатива на конвенционалните материјали и придонесува кон намалување на отпадот од пакување.
Паралелно со производствените активности, проектот има силна едукативна компонента, која ќе се реализира во соработка со граѓански организации. Преку интерактивни работилници, демонстрации и теренски активности, младите, учениците и пошироката локална заедница ќе се запознаат со улогата на пчелите како опрашувачи, значењето на биодиверзитетот и можностите за повторна употреба на природните ресурси. Едукативниот пристап е насочен кон развој на практични знаења и поттикнување на одговорно однесување кон животната средина.
Проектот исто така придонесува кон зајакнување на соработката помеѓу граѓанскиот сектор и приватниот сектор, преку заеднички развој на иновативни и применливи решенија. Ваквиот мултисекторски пристап овозможува трансфер на знаење, технолошка поддршка и потенцијал за понатамошна комерцијализација на развиените производи.