Со масовно пошумување на 35.000 садници успешно реализиравме уште едно масовно пошумување во околината на Велес, во близина на езерото Младост, на површина која неодамна беше зафатена од пожар, со што овој проект достигна завиден број на 100.000 засадени дрвја во три години од стартот на еко-проектот „Пошумуваме заедно за позелено утре“.
Во акцијата за пошумување, која се одвиваше на 24 ноември 2024, учество зедоа речиси 250 вработени од dm, волонтери, како и стручни лица од ЈП Национални шуми, кои несебично го дадоа својот придонес кон обновување и зачувување на зелените површини на нашата земја.
За овогодишната реализација на проектот компанијата инвестираше повеќе од 1.300.000 денари во форма на донации за набавка на садници и техничка опрема, а самиот проект се реализираше во неколку етапи.
На 9 ноември, dm, преку акција во која беа засадени повеќе од 300 нови садници во „Рајски парк“ во Скопје – о. Аеродром ја отвори овогодинешната сезона, а само неколку денови подоцна, во склоп на овој проект беа засадени повеќе од 400 нови садници во дворовите на ОУ „Славејко Арсов“ и детската градинка „Сончогледи“ во Штип, создавајќи еко-пријатна атмосфера во дворовите за децата и учениците.
Покрај овие, на 26 април го уредивме и дворот на градинката „Мајски цвет“ со нови садници и зелени површини.